Панел дискусија: „Состојбата со образованието во општина Гостивар и ризикот од технолошки вишок кај дел од наставниот кадар“

Трендот на намалување на бројот на ученици во гостиварските училишта, предизвикан од иселувањето и падот на наталитетот, носи ризици за работните места на наставниот кадар, односно за прогласување технолошки вишок. Претставници од училиштата, одговорните во општинскиот сектор за образование,  синдикатот за образование, просветниот инспекторат и Локалниот економско социјален совет дискутираа за тоа какви се конкретно состојбите во училиштата и што треба да се преземе за надминување на проблемите.

Податоците за бројот на учениците во основните и средните училишта во општина Гостивар за последните три години покажуваат тренд на постојано опаѓање. Позабележлив пад има во подрачните основни училишта во селата. Единствено средното техничко и средното медицинско училиште бележат зголемување на бројот на запишани ученици. Општината и директорите на училиштата да прават редовни анализи за да се утврдат реалните состојби и согласно тоа да се објавуваат конкурсите за наставници.

Овој настан со тема: „Состојбата со образованието во општина Гостивар и ризикот од технолошки вишок кај дел од наставниот кадар“, го организираше Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ) Гостивар во соработка со Локалниот економско социјален совет и Младинскиот културен центар – Битола во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска.